Историја на градот Охрид

Славната историја на Охрид и околината започнува уште од прaисторијата, потврдена со археолошки пронајдоци. Градот има и богата античка историја, позната по златните маски од Требениште, театарот итн. Охрид е познат и по убавите ранохристијански мозаици, но ние ќе се задржиме на средновековната историја. 

Богатата средновековна историја на Охрид може да се каже дека започнува со пристигнувањето на светите Климент и Наум, ученици на светите браќа и рамноапостоли Кирил и Методиј. Познато е дека св. Климент бил испратен во областа Кутмичевица (се претпоставува дека тоа е областа на граничните предели на Македонија, Албанија и Грција) како учител од страна на бугарскиот кнез Борис. Се претпоставува дека како учител во областа Кутмичевица, св. Климент се задржал до 893 година. По дејствувањето во Кутмичевица, св. Климент бил поставен за епископ велички, во науката сè уште се дебатира околу местото на величката епархија. Култот на св. Климент и Наум е сè уште присутен во градот, а воедно претставуваат и негови светители – заштитници. Св. Климент ја изградил црквата Св. Пантелејмон на Плаошник, додека св. Наум ја изградил црквата Св. Архангели подоцна наречен манастир Св. Наум. Св. Климент со помош на Наум, ги поставил темелите на т.н. прв словенски универзитет кој се наоѓал во Охрид. Биле описменети голем број на луѓе, додека 3500 биле ученици на св. Климент кои се бавеле со преводи, препеви исл. Св. Климент дополнително успеал да го воведе во богослужба словенскиот јазик. Св. Наум починал во 910 година, св. Климент во 916 година. Од доцниот IX – X век, датираат и најстарите словенски наоди ископани во гробовите врз урнатините на ранохристијанските цркви на Плаошник и во месноста Лабино.

По смртта на светите Климент и Наум, славната историја на градот продолжува. Околу 1000 година, царот Самоил ја преместува својата престолнина од Преспа во Охрид, заедно со седиштето на црковната институција, со што градот станал центар на моќно царство. За време на царот Самоил, градот се состоел од два територијално споени делови: тврдина/внатрешен град и предградие/надворешен град. По страшниот пораз на царот Самоил во битката на Беласица во 1014 година и подоцна неговата смрт, царството било пред целосен распад. Во 1015 година, византискиот цар Василиј II без борба го освоил Охрид. За време на владеењето на царот Јован Владислав тврдината била обновена. По убиството на царот Јован Владислав во мај 1018 година, византискиот цар Василиј II повторно влегол во градот, и ја разрушил тврдината. Со привилегиите што ѝ ги дал на Охридската архиепископија царот Василиј II ја заокружувал својата политика, која се стремела да го приврзе македонско-словенскиот народ кон Византија. 

За прв архиепископ бил назначен словенот Јован Дебранин. По неговата смрт, тронот го наследил архиепископот Леон (1037 – 1056) кој во Охрид ја обновил и доградил црквата Св. Софија. Архиепископот Леон бил учен клирик и хартофилакс на константинополската црква Св. Софија, упатен во прашањата на црковната догма, познат и е како еден од главните протагонисти на големата шизма – раскол помеѓу источната и западната црква од 1054 година. За време на востанијата на Петар Делјан (1040 – 1042) и Ѓорѓи Војтех од 1072 година, двајцата имале врски и контакти со Охрид. За време на востанието на Ѓорѓи Војтех, востаничката војска на чело со Петрила го ослободилa градот додека жителите ги пречекале како ослободители. 

Во 1082 – 1083 година, Норманите на чело со кралот Беомунд го опседнале, но не успеале да го освојат градот. При крајот на XI век, крстоносците кои биле на пат кон Светата земја, поминале преку Охрид и околината. Кон крајот на XI и почетокот на XII век, на архиепископскиот трон бил Теофилакт Охридски, еден од најпознатите православни теолози и еден од најучените луѓе на своето време, полихстор, филозоф, ретор и проповедник кој оставил голем број на дела и текстови, а интересно е да се напомене дека бил ученик на Михаил Псел. Охридскиот архиепископ Теофилакт го напишал „Опширното евангелие на св. Климент Охридски“. Од пишувањата на Теофилакт Охридски дознаваме дека во неговото време Охрид бил голем град, со многу улици и многукатни куќи, имал пазар, голем број на жители и црковни првенци. Од изворите дознаваме дека во градот имало и жива трговија, се разменувале земјоделски и сточарски производи за занаетчиски стоки од домашно производство, но и од странство. Градот располагал и со голема црковна библиотека, освен со црковни книги библиотеката располагала и со голем број медицински и други книги. Интересно е да се напомене дека според архиепископот Теофилакт во неговото време во Охрид покрај бројните земјоделски култури се одгледувала и маслинката. Од писмата на Теофилакт Охридски исто така дознаваме дека во неговото време сè уште постоеле приврзаници на богомилското движење. 

Византискиот цар Алексеј I Комнен кој владеел од 1081 до 1118, неколкупати престојувал во Охрид. Познато е дека по поразот во мај 1083 година од страна на Беомунд, Алексеј I Комнен, одвај успеал да избега и да се засолни во Охрид. Ќерката на царот Алексеј I Комнен, Ана Комнена неколкупати го споменува Охрид во своите книжевни дела. Славната историја на Охрид продолжила низ вековите. Во XIII век во градот и околината се појавуваат и крстоносци од Франција и Италија. Во истиот век како архиепископи се појавуваат: Димитирија Хоматијан (1216 – 1236) кој бил добар познавач на црковното право и канони и Константин Кавасила (1250 – 1263), кој особено се прославил со каноните/химните за св. Кирил и Методиј и за св. Климент и Наум, и кој ќе ја признае власта на Палеолозите и на царот Михаил VIII Палеолог (1261 – 1282). 

На почетокот на XIII век, две години Охрид бил под бугарска власт. Подоцна градот бил инкорпориран во државата на епирскиот деспот Теодор Комнен (1215 – 1230). Теодор Комнен бил крунисан за цар на Византија од страна на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, иако ова било во спротивност со канонските прописи и биле искажани желбите и претензиите на Епир за обновување на Византиското царство. Подоцна градот повторно паднал под власт на бугарската држава на чело со царот Иван Асен II. Потоа градот влегува во рамки на државата на Михаил VIII Палеолог т.е. Византија. Може да се напомене дека, и  византискиот цар Андроник II Палеолог (1272 – 1328), ја почитувал Охридската архиепископија и подарил голем број на дарови, а неговиот зет Прогон Згур бил ктитор на црквата Св. Богородица Перивлепта.  

Во XIV век во Охрид се појавуваат многу значајни личности, меѓу кои и охридскиот архиепископ Никола, кој учествувал на чинот на крунисување на Стефан Душан за цар во Скопје на 16 април 1346 година и архиепископот Григориј I, кој е ктитор на Григориевата галерија на црквата Св. Софија. Охридскиот архиепископ Григориј I ја имал апсолутната поддршка на византискиот цар Андроник II. Во 1334 година српскиот крал Стефан Душан го освоил градот и влегол во рамки на неговата држава. Кралот подоцна цар Стефан Душан се однесувал со голема почит кон Охридската архиепископија, со оглед на нејзиното минато, сметајќи ја како продолжение на Јустинијана Прима, основана од византискиот цар Јустинијан I во VI век. Во 50-тите години на XIV век со Охрид владеел севатократорот Бранко Младеновиќ, а околу 1369 година со охридско како вазал на кралот Волкашин управувал кесарот Новак. Во 70-тите години на XIV век со Охрид владеел жупанот Андреја Гропа. Андреја Гропа владеел со градот од 1371 до 1385 година. Владетелот на градот жупанот Андреја Гропа се појавува и во ктиторскиот натпис во црквата Мал Свети Климент, каде и наведен како „себлагодарен господар и голем жупан Андреја Гропа“. Исто така овој феудален господар ковал и свои монети. Токму од XIV век потекнуваат најголем дел од сакралните споменици во градот. 

Околу 1395 година, градот паѓа под османлиска власт, уметничката продукција се намалила и Охрид видно се изменил. Познато е дека во втората половина на XV век црквата Св. Софија била претворена во џамија, исто така црквата на Плаошник била претворена во џамија. Сепак во околината на Охрид, сè уште се граделе и фрескоживописувале цркви. По падот на Константинопол во 1453 година, турската власт дополнително се зацврстува, но продолжува да постои Охридската архиепископија. Во оддреден период градот бил дел/седиште на провинција -  санџак. Познато е дека Охридскиот санџак во 1582 година го сочинувале нахиите: Охрид, Преспа и Дебарца. Во XV и XVI век Охридската архиепископија својата јурисдикција ја шири на нови територии на Балканот и во подрачјето на Медитеранот. Во тој период, Охридската архиепископија својата управа ја проширила  и на православните колонии на Малта, во Апулија, Калабрија, Сицилија, Венеција и Далмација. Во XVI век, се појавува архиепископот Прохор, еден од најголемите поглавари на Охридската архиепископија за време на Османлискиот владеење, поглавар бил од 1525 до 1550 година и бил голем познавач и покровител на ликовната уметност и литературната дејност. Интересно е да се напомене дека во 1516 година била оформена „ризницата“ (музеј) на Охридската архиепископија која постоела се до 1916 година, што охридскиот музеј го прави еден од најстарите во Европа. Славната црковно-христијанска историја на градот Охрид му го создала епитетот „Балкански Ерусалим“ за сите православни христијани во светот. Историјата која продолжува низ вековите на Осмалниското владеење и Балканските премрежја за ослободувањето од османлискиот колонијализам и историјата на XIX-от и XX-от век на кралските империјалистички владеења продолжува оставајќи свои бележја низ градот и низ живеењето.  Во градот низ историјата се појавиле и голем број на просветители и револуционери кои ги положиле своите животи за создавање на Македонска држава, за слобода и признавање на македонскиот народ. Дури после Втората светска војна градот Охрид споро но повторно ќе почне да се развива и да го враќа својот средновековен шарм во архитектурата и живеењето. Полека и во согласност со светските критериум во насока на заштитата на спомениците на културата, хртистијанските храмови ќе започнат да се заштитуваат како споменици на културата. Денес, после десет векови можеме да го посетуваме градот Охрид, и да се воодушевуваме на уметноста. Градот Охрид и неговото значење треба  да биде дел од целата јавност, научна, верска и културна, да биде дел од образовни програми и да биде значаен дел од светската туристичка мапа за живо културно наследство.    

Newsletter

Претплати се на нашиот Newsletter!

Внеси ја твојата е-маил адреса и добивај ги најновите информации.

© 2025 Vendor x Инвентар на средновековни цркви   

Vendor Logo