Проф. д-р Панче Велков – роден 1961 година во Скопје, дипломира во 1984 година, во 1989 година магистрира на Градежниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во 1992 година магистрира и на Државната школа за градежни работи (ENTPE) во Лион, Франција. Во 1996 година докторира на Високата школа за применети науки и уметност (Ecole des arts et des metiers - Ecole centrale de Paris) во Париз, Франција. Работел во неколку домашни и странски инстутуции, како на пример: ИЗИС, Техничкиот универзитет во Драмштат, Факултетот за архитектура Лумини во Марсеј, School of the Art Institute of Chicago и др. За време на Фулбрајтовиот престој во САД бил и визитинг професор во Универзитетот во Пенсилванија (PENN University) во САД. Велков е основач и претседател на здужението Македонида. Тој исто така се занимава и со фотогорафија и има одржано неколку самостојни изложби. Учесник бил на голем број проекти, семинари, конференции и форуми, притоа и автор на околу 20 научни трудови, објавени во странски и домашни научни зборници/списанија. Во овој проект Велков е раководител и рецензент на текстовите и стручен соработник во областа на заштитата на културното наследство.
М-р Владимир Таневски е роден во 1997 година во Скопје, дипломирал (2020) на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со звање: „дипломиран историчар на уметноста“. Магистрирал (2022) на истиот факултет, со звање: „Магистер по Археологија“. Наслов на тема: „Илустрациите на старозаветните псалми (IV – VI век) на територијата на римските провинции Macedonia Prima, Macedonia Secunda, Epirus Nova и Dacia Mediterranea“. Автор е на неколку стручни/научни трудови и учествувал на повеќе изложби, конференции, научни школи и форуми. После самото дипломирање во 2020 година е член/соработник во здружението Македонида. Во 2023 година се запишува на трет циклус студии (докторски) на Институтот за историја на уметноста и археологија при Филозофскиот факултет, со ментор проф. д-р Елизабета Димитрова. Во рамки на овој проект, м-р Таневски е автор на сите текстови.
Гордана Велков е родена 1973 година во Тетово. Дипломирала во 1999 година на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела во повеќе институции меѓу кои и УЗКН и Музејот на тетовскиот крај во Тетово. Учествувала на неколку археолошки истражувања, поточно во с. Стенче, с. Јагуновце и с. Туденце. Била организатор на голем број на поединечни изложби, но и ликовни колонии меѓу кои и Меѓународното Биеналето на мала графика во Музејот на тетовскиот крај – Тетово. Велков била и куратор и организатор на првата меѓународна женска ликовна колонија во Вратница 2004 година. Од 2004 па до сега е активен член на здружението Македонида, ангажирана на голем број на проекти. Била асистент на проектот заштита на старата скопска чаршија во проектите за Реконструкција на најстариот дуќан и француската банка и Осветлување на старата скопска чаршија проекти поддржани од Светска банка 2006 година. Од 2006 до 2007 била на студиски престој во PENN University во Филаделфија (САД). Во овој проект Велков беше ангажирана како советник за изработка на текстовите и рецензент.
Проф. д–р Елизабета Димитрова е родена 1962 година во Скопје. Дипломирала (1986) на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а магистрирала (1993) на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Во јануари 1987 година се вработува на Филозофскиот факултет во Скопје како помлад асистент при Институтот за историја на уметноста и археологија. Докторската дисертација на тема „Манастир Матејче” ја одбранила во 1998 година на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград, Србија, со што се стекнала со звањето доктор на науки по историја на уметноста. Во звање доцент е избрана во 1999 година, а во звање вонреден професор избрана е во 2003 година. Од 2008 година е редовен професор при Институтот за историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Учествувала на меѓународни научни собири и остварила студиски престои и визитинг предавања на универзитети во Австрија, Унгарија, Бугарија, Франција, Русија, Италија, Шпанија, Грција, Англија, Србија, Белгија, САД. Организирала меѓународни семинари, конференции, летни школи, едукативни форуми, мастер курсеви и обуки за различни институции и организации од земјата и од странство. Автор е на голем број на книги и научни трудови. Во рамки на овој проект проф. д-р Димитрова е рецензент на текстовите.
Д-р Мишко Тутковски е роден во 1983 година во Охрид. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Институтот за историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во својата професионална кариера учествувал во голем број на проекти кои опфаќаат истражување, документација, конзервација, реставрација, афирмација и популаризација на културното наследство. Својата научно-истражувачка работа ја претставил на повеќе меѓународни и домашни симпозиуми и конференции и објавил повеќе од 20 стручни трудови. Со фотографија се бави уште од студентски денови а во тој период се насочува и се специјализира за професионално документирање на недвижното и движното културното наследство. Во изминатите години работел на повеќе проекти и се јавува како автор или коавтор на повеќе од 15 публикации (стручни монографии, научно-популарни изданија, каталози и др.) од областа на културното наследство. Д-р Тутковски е автор на дел од фотографиите во рамки на овој проект, поточно црквите: Св.Софија, Св. Богородица Перивлепта, Св. Наум, Мали Свети Врачи, Св. Никола Болнички, Св. Богородица Болничка и Св. Богородица – Заум
Проф. д-р Ролф Ахилес е роден во Германија, но како дете заедно со семејството се преселува во Бразил. Дипломирал (1969) и магистрирал (1973) на Универзитетот Северен Илиноис во Декаб, САД. После студиските престои поврзани со средниот век и византиската уметност и архитектура во Утрехт, Истанбул, Рим и Франкфурт во 1975 година се запишува на докторски студии на историја на уметноста на Универзитетот во Чикаго, докторирал во 1977 година. Истата година започна да работи и во универзитетскиот музеј (Smart Museum of Art). Проф. Ахилес работел на голем број проекти, организирал голем број на изложби, автор е на неколку книги и голем број на научни трудови и статии во списанија. Член е на неколку невладини организции и институции, член е на управниот одбор на музејот на Ричард Х. Дрихаус и Glessner House Museum. Проф. Ахилес дополнително е и почесен абасадор на градот Хамбург, Германија. Од 1994 година, како професор работи во Уметничката академија во Чикаго (University of Art Institute of Chicago), прво во одделот за историја на уметноста, а сега во студиската програма по историска заштита (Historic Preservation). Проф. Ахилес е главниот советник во Здружението „Македонида“, помогнал многу во заштитата на културно – историското наследство на Македонија.
Овој проект е посветен на Ричард Х. Дрихаус, нашиот дарежлив спонзор, кој ненадејно почина во 2021 година. Ричард Х. Дрихаус беше добро познат американски бизнисмен и филантроп. Филантропските активности на фондацијата Ричард Х. Дрихаус, исто така, им помогна на сиромашните населби во Чикаго, обезбедувајќи храна, домување и други услуги. Тој беше главен поддржувач на Католичката екстензија, непрофитна невладина организација која зачувува и гради цркви во заедниците кои не се опслужуваат. Тој исто така го поддржуваше зачувувањето на синагогите и џамиите, како во САД така и во Европа, вклучително и промоција и зачувување на македонските цркви и џамии. Од 2009 година Ричард Х. Дрихаус е главен спонзор на нашите проекти. Без негова поддршка, фондацијата „Македонида“ немаше да може да ги постигне своите цели за промоција и зачувување на македонското наследство. Јас лично имав шанса да го запознаам Ричард во Чикаго во 2011 година и бев трогнат од неговата хуманост, отворен ум и добар хумор. Со својата вера, својата посветеност и дарежливото срце тој беше и секогаш ќе биде инспирација за сите нас. Панче Велков
Внеси ја твојата е-маил адреса и добивај ги најновите информации.