Историја на Охридската архиепископија

Уште со доаѓањето на светиот апостол Павле во Македонија и неговата мисионерска дејност, христијанството станува нераскинлив дел од историјата на ова парче земја. Уште на самите почетоци на развивањето на христијанската вера, започнале да се оформуваат црковни орагнизации, епископии чии што поглавари – епископи учествувале на екуменските собори на кои вековно долго се дискутирало за христијанската догма. 

Низ историјата подоцна се појавиле светите браќа и рамноапостоли Кирил и Методиј и нивните ученици светите Климент и Наум обајцата погребани на крајбрежјето на Охридското езеро. Градот Охрид е седиште на старата и светата Охридска архиепископија, една од највилијателните помесни православни цркви во историјата. Охридската архиепископија е создадена непосредно по ликвидацијата на Самоиловата држава, додека автокефалниот статус го добива од страна на византискиот цар Василиј II (976 – 1025) во 1018 година. Некои историчари сметаат дека царот Василиј II, ја „деградирал“  охридската црква од патријаршија во архиепископија, но за ова мислење има малку историски докази. 

За прв архиепископ бил назначен Јован Дебранин (1018 – 1037), кој е познат и како основач на Бигорскиот манастир. После него на охридскиот трон столувал познатиот ктитор и возобновител на катедралната црква Св. Софија во Охрид - Леон I (1037 – 1056), кој пред да биде назначен за архиепископ бил хартофилакс на Константинополската патријаршија. На тронот на архиепископијата столувале и други големи мудреци, помеѓу кои и Теофилакт Охридски (1089 – 1107), кој бил автор на „Житието на свети Климент Охридски“ и „Службата на Св. Климент Охридски“, според неговите дела точно беа лоцирани моштите на св.Климент Охридски на Плаошник. 

Треба да се напомене и столувањето на архиепископот Димитар Хоматијан (1216 – 1236), автор на „краткото житие на св. Климент“. Понатаму треба да се напомене и архиепископот Константин Кавасила (1250 – 1263), чијшто лик е насликан во црквите: Св. Јован Богослов - Канео и Св. Богородица Перивлепта. Покрај историските премрежја, Охридската архиепископија опстанала и  продолжила да расте и да се развива. 

Во XIV век, како најзначаен архиепископ се истакнува Никола, кој неколкупати е насликан во средновековните фрескоансамбли. Секако треба да се наведе и архиепископот Григориј I кој е ктитор на Григориевата галерија на црквата Св. Софија - градба која го презентира врвот на архитектонска продукција во Македонија од XIV век. Со доаѓањето на новите господари – османлиите, на архиепископијата и биле потврдени старите и биле признаени дополнителни привилегии. 

Во периодот на османлиското владеење како највлијателен архиепископ се појавува Прохор (1528 – 1550), кој бил голем познавач и покровител на литературата и уметноста, во време на неговото столување се изградиле и обновиле голем број на храмови. Но во XVII и XVIII век, архиепископијата западнала во економска криза, како и целото царство, што довело до осиромашување на многу православни цркви и манастири. Охридските архиереи и ереи се почесто се соочувале со сериозни финансиски проблеми, ова во голема мера довело и до намалување на уметничката продукција. Последен архиепископ бил Арсениј II (1734  - 1767), а  во 1767 година со ираде од султанот Мустафа III (1757 – 1774) била укината Охридската архиепископија. За оваа траорна случка во историјата на македонскиот народ е испеана песната „1762 лето“, напишана од страна на Глигор Прличев, роден во Охрид. Укинувањето на архиепископијата, означува почеток на големи тешкотии на македонскиот народ, кој сега без заштита на својата црква бил многу ранлив и подложен на разни пропаганди.  Областите на поранешната архиепископија, подоцна во историјата, влегувале под јурисдикција на околните помесни православни цркви, но македонскиот народ мечтаел за својата црковна самостојност и за обновување на  славната Охридска архиепископија. 

Процесот за обновување на Охридската архиепископија започнал за време на Втората светска војна. Во 1958 година во Охрид на црковно – народен собор бил прифатен предлогот за обнова на свети Климентовата Охридска архиепископија во самостојна Македонска Православна Црква, а за нејзин прв архиепископ бил избран г.г. Доситеј, според МПЦ-ОА, наследник на Арсениј II. Во 1967 година на црковно народен собор во црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, МПЦ – ОА, била прогласена за автокефална црква. По г.г. Доситеј, како наследници на славните архиепископи од историјата, столувале г.г. Ангелариј (1981 – 1986), г.г. Гаврил II (1986 – 1993), г.г. Михаил (1993 – 1999) и актуелниот архиепископ г.г. Стефан (1999 - ). Охридската архиепископија обновена како МПЦ - ОА, е нераскилнив дел од историјата на македонскиот народ, играла и игра главна улога во неговото национално будење и одржување на македонскиот идентитет. Денес, градот Охрид и црквите опфатени во овој проект се наоѓаат во рамки на Дебарско – Кичевската епархија, возглавувана од Неговото Високопрвосвештенство Митрополит Плаошко – струшки и Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, со чијшто благослов го изработивме овој проект.

Newsletter

Претплати се на нашиот Newsletter!

Внеси ја твојата е-маил адреса и добивај ги најновите информации.

© 2025 Vendor x Инвентар на средновековни цркви   

Vendor Logo